ЕВС мемоари- Како се најдов во Бугарија?

Се започна со еден сон… Поминав неколку години мечтаејќи и прашувајќи се’ како би можела да си го направам животот посмислен, поисполнет со задоволства. За време на студирањето мечтаев да имам некое место во природа, опкружено со дрвја, да има градина, чиста вода и воздух, каде ќе создавам здрави навики наместо да бидам заглавена во меланхолијата и хаосот во главниот град. Место, каде луѓе кои имаат различни културни навики, кои зборуваат различен јазик, се со различна боја на кожа и доаѓаат од различни средини, ќе живеат заедно, ќе креираат заедно, ќе споделуваат, разменуваат и растат заедно. Тогаш, сето ова беше само убав сон гледан преку перспективата од некаков прозорец на студентски дом. Кога наеднаш, нештата почнаа да се придвижуваат кон една таква насока.

Со мојот партнер решивме да направиме чекор кон тој сон, безоглед на тоа колку лудо и да им звучеше на другите. Отидовме во едно село каде што тој имаше куќа (во која веднаш се заљубивме) и почнавме да ја возобновуваме. Ваквата наша иницијатива ја нарековме Природна Перспектива. Насловот опфаќа се што би сакале да се случува таму. Потоа направивме експериментална градина која, на наше изненадување, беше многу успешна. Така се мотивиравме да продолжиме, скромно, но мечтаевме наголемо. Имавме и неколку пријатели со кои од време на време, го делевме истиот сон. Сепак, сфативме дека има потези кои треба да се направат и знаење кое треба да се придобие, не само за да си го оствариме сонот, но и за да го одржиме.

Во тоа време, нашата идеја и иницијатива беше препознаена од здружението Надеж-Норе и од нив добивме поддршка за да ја формализираме идејата. Тогаш, започнавме да патуваме и да учествуваме на младински размени и обуки преку програмата Еразмус+. Запознавајќи стотици луѓе секоја година, сфативме дека не сме единствените кои се луди овде.

Во еден момент на ова лудило, се запознавме со „Тhe Greenies“ (читај здружение „Зелен“). Се запознавме со нивниот проект наречен „Зелен Собир“ и веднаш бевме инспирирани и поттикнати да бидеме едни од домаќините за истиот, во куќата на село. После првата посета од „Зелениот Собир“, кога добивме огромна помош од ЕВС волонтерите, па продолживме да бидеме домаќини и наредните две години. Кога еднаш, координаторот на проектот Алеко Карловски, дојде до идеја да не вклучи подлабоко во проектот и во работата на здружението, па предложи да бидеме ЕВС волонтери за една година во здружение „Зелен“, со Надеж-Норе како организација испраќач. На почетокот се колебавме, бидејќи ова значеше да го паузираме проектот Природна Перспектива.

На крај, сфативме дека сме донеле добра одлука, бидејќи научивме многу повеќе посетувајќи ги сите овие станици на Зелениот Собир, учествувавме во најразлични активности и се запознавме со останатите домаќини и волонтери. Работевме во градини, градевме со природни материјали, планиравме настани. Исто така, придонесовме за организирањето на два поголеми фестивала Wake up и Беглика, каде поголемиот дел од времето јас помагав во кујната, каде со некои од останатите волонтери готвевме за двесте учесници и волонтери. Си го окупирав времето и со уметност и работејќи на промоцијата на здружение „Зелен“. На фестивалот Беглика имав и сопствена работилница за изработување накит со макраме техника и го планирав распоредот на така наречената „Зелена сцена“, каде и останатите волонтери се претставија со своите проекти, изработки и дискусии за самоодржливост, екологија, нула отпад и разни други интересни теми. По завршувањето на летните месеци започнав со административна работа за здружението, при што, научив многу за тоа како една организација функционира.

Нема да ги набројувам сите активности во кои бев вклучена, многу се. Времето е бесценето, затоа не сакам да должам. Во овие девет месеци на волонтирање, до сега, имав период на учење, практикување, пробување на нови нешта, подобрување и растење. Станав посамоуверена и посигурна за своите цели. Пронајдов начини како да ги материјализирам своите идеи, како да се справувам со предизвици и како да комуницирам со луѓето. Можам да кажам дека ова ЕВС искуство ми овозможи многу за да пораснам како личност, но и да ги осознаам своите слаби и силни страни. Бидејќи имам афинитет кон јазици, најголем бенефит ми беше што имав можност секојдневно да слушам разни други јазици и да си го подобрам нивото на шпанскиот јазик. Благодарна сум за ова животно искуство, за гостопримството на здружение „Зелен“, за сите предизвици, авантури, задачи, понекогаш истоштувачките патувања и активности… вредеше!

Наближува времето да се разбудам од овој сон. Тоа ќе биде времето за практично применување на се што научив досега. Би сакала да го посветам своето време на подобрување на социјалниот и културниот живот во општеството каде што се враќам. Би сакала да имплементирам и проекти за покревање на свесноста за еколошките проблеми и нула – отпад културата. Друга работа, која сметам дека е важна, е споделувањето на приказната за моето ЕВС искуство со младите и информирањето за можностите кои ги нуди Европскиот Солидарен Корпус.

За крај, би сакала да ја изразам својата благодарност кон сите луѓе, кои беа вклучени во ова патување. Благодарност за споделеното време, енергија, идеи и добрина.

Симона Н.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to top